На 17.11.2017 година, во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се одржа обука за новите студентите – учесници во Правната клиника за ранливи групи. Студентите имаа можност да ги слушнат презентациите на искусни практичари и да учествуваат во дискусии за одредени прашања од областа на проблематиката со која ќе се соочуваат во текот на нивниот ангажман во клиничката програма.
Новиот тим на Правната клиника го сочинуваат вкупно 29 студенти, кои ќе работат под менторство на проф. д-р Борче Давитковски, проф.д-р Тодор Каламатиев, проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, проф.д-р Ана Павловска Данева, проф.д-р Неда Здравева, проф.д-р Дивна Илиќ Димоски и доц.д-р Александар Ристовски.
Г-ѓа Васка Бајрамовска Мустафа, заменик Народен правобранител, ги запозна студентите со работата на институцијата Народен правобранител и го сподели своето долгогодишно работно искуство преку истакнување на најчестите проблеми со кои се соочуваат ранливите групи.
Г-ѓа Ана Петровска, помошник раководител во Секторот за нормативно-правни, управни работи и здравствено осигурување при Министерството за здравство, говореше за здравственото осигурување и за посебните административни постапки пред соодветниот орган.
Г-ѓа Маријана Лончар Велкова, Претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија, своето излагање го посвети на ранливите категории потрошувачи во Македонија, и преку низа случаи ги опиша предизвиците со кои тие се соочуваат.