Право на пријавување имаат студентите од прв циклус на студии кои имаат завршено IV семестар и студентите од втор циклус на студии. Ангажманот во Правната клиника се состои од практично обучување за работа со странки и подготовка на барања, претставки и стручни совети при водење постапки за реализација на законските права на граѓаните – припадници на овие групи.
Станува збор за поддршка во остварувањето на права од областа на социјалната и здравствената заштита, потрошувачки права, права на членови на семејствата на притворени и затворени лица и правна заштита пред Народниот правобранител на социјално загрозени лица, припадници на ромската заедница, припадници на ЛГБТ-заедницата и сексуални работници/работнички.
Студентите ќе работат под менторство на професори од административно-процесно право, трудово право, потрошувачко право и казнено-процесно право.Студентите што ќе бидат избрани за учество во остварувањето на оваа програма ќе се здобијат со продлабочени знаења и вештини за постапување во наведените области и работа со ранливите граѓани. Пред отпочнување на ангажманот ќе се одржи обука за новите учесници.
По завршувањето на обуката, а под менторство на професорите, до крајот на семестарот студентите ќе треба 8 часа неделно во Правната клиника на Факултетот да ги извршуваат следниве обврски: прием на странки и сослушување на нивните барања; работа со менторите во подготовка на потребните барања/молби/претставки за странките; работа со адвокати на започнати предмети од наведените области; подготовка на стручни мислења и совети за определен број предмети/случаи; подготовка на брошури и флаери во кои ќе бидат содржани сите неопходни податоци (законски услови, надлежни институции и постапка за стекнување со соодветното право) за странките; давање информации во вид на индивидуални совети и семинари и сл.
„Заинтересираните студенти треба да поднесат пријава (во прилог), куса биографија и мотивациско писмо од максимум 10 реда до координаторот на Правната клиника на pravnaklinikaskopje@gmail.com најдоцна до 7.11.2017 година“, информираат од Правната клиника.
„Нашата мисија е градење знаења и вештини на студентите за давање правни информации и совети на ранливи лица, зајакнување на капацитетите на институцијата за обезбедување практична настава на студенти во соработка со граѓански организации и иницијативи, поддршка на заедницата во остварување на правата на нејзините членови и градење синергии преку зајакнување на комуникацијата со граѓанските организации и институции за одбрана на правата на граѓаните“, нагласуваат од Правната клиника „Јустинијан Први“.