На Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, организирана е Правната клиника „Јустинијан Први“ чијашто цел е давање на бесплатни правни совети и информации на ранливите и маргинализираните групи.
Во рамките на своите активности, велат од Правната клиника „Јустинијан Први“, студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, водени под менторство на професорите д-р Борче Давитковски, д-р Ана Павловска Данева, д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска, д-р Неда Здравева, д-р Дивна Илиќ Димовски, д-р Тодор Каламатиев и д-р Александар Ристовски, нудат бесплатни правни совети и информации на лица од ранливи и маргинализирани групи во остварување на правата од социјална заштита, здравствена заштита, права на ранливи категории потрошувачи, права на членови на семејства на притворени и затворени лица, како и оценка на можноста за барање правна заштита пред Народен правобранител.
„Нашата мисија е градење на знаења и вештини на студентите за давање правни информации и совети на ранливи лица, зајакнување на капацитетите на институцијата за обезбедување практична настава на студенти во соработка со граѓански организации и иницијативи, поддршка на заедницата во остварување на правата на нејзините членови и градење синергии преку зајакнување на комуникацијата со граѓанските организации и институции за одбрана на правата на граѓаните“, нагласуваат од Правната клиника „Јустинијан Први“.