КЛИНИЧКИ МЕНТОРИ
Проф. д-р Ана Павловска Данева
Проф. д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Носител е на наставата на предметите од областа на административното право и јавната администрација на сите три циклуси на студии на Правниот факултет.
Д-р Ана Павловска-Данева е родена на ден 22.02.1973 година во Скопје, Република Македонија. Дипломирала на Правниот факултет во 1993 година. Со звање магистер на правни науки се стекнува во 1998 година по одбраната на магистерската теза „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Звањето доктор на правни науки го стекнува во 2004 по одбраната на докторската дисертација „Управни договори“. Од 1998 година започнува со наставно – научната дејност на Правниот факултет „Јустинијан Први“ по што прогресира во звањата асистент, доцент, вонреден професор, за во 2013 да се стекне со звањето редовен професор. Исто така била и раководител на постдипломските студии по политичко правни науки и комуникологија, како и раководител на вториот циклус студии на насоката Администравно и јавна администрација. Во моментот таа е раководител на Институтот по политичко правни науки, како и член на Деканатската управа на Правниот факултет.
Автор е на повеќе од 70 научни статии објавени во различни научни и стручни ревизии во Република Македонија и странство. (Ко)автор е и на повеќе универзитетски учебници и монографии. Носител е на низа експертски проекти со фокус на реформите на јавната администрација, управното судство и судството воопшто, зајакнување на капацитетите на органите на управата и инспекторатите и сл. во Република Македонија и во странство, а во периодот 2011 – 2014 беше пратеник во Собранието на Република Македонија.
Во Правната клиника за ранливи групи е вклучена како ментор од областа на административното право и работи со студентите на проблематиката за управните постапки и постапките пред Народниот правобранител.
Проф.д-р Неда Здравева
Д-р Неда Здравева е вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Дел е од наставниот кадар на предметите од областа на облигационото право и правото на интелектуална сопственост на студиите од прв и од втор циклус, а во 2017 е избрана за продекан за настава.
Д-р Неда Здравева е родена на 10.11.1976 година во Скопје. Дипломирала на Правниот факултет во 2001 година, а од 1999 година е вклучена во наставата како демонстратор. Магистерските студии од областа на граѓанското право ги завршила во 2008 година. Звањето доктор на правни науки го стекнува во 2012 година по одбрана на докторската дисертација „Компаративни аспекти на одговорноста за нематеријална штета во теоријата, законодавството и практиката“. Во академската во 2013/2014 остварува постдокторски истражувачки престој на Универзитетот во Фрибург, Швајцарија (University of Fribourg) како стипендист на Програмата за извонредност на Владата на Швајцарија.
Автор е на бројни трудови и публикации од областа на облигационото право, вклучително договорното право, отштетното право и потрошувачкото право, како и правото на интелектуалната сопственост. Исто така, била вклучена во подготовката на стратегиски документи од областа на заштитата на потрошувачите и правото на интелектуалната сопственост. Како експерт учествувала и во креирањето законски решенија во областа на облигационото право и на потрошувачкото право. Од 2011 година ја врши функцијата на Генерален Секретар на Центарот на Мрежата на правни факултети на Југоисточна Европа (South East European Law Schools Network)чија цел е соработка помеѓу правните факултети во регионот.
Во Правната клиника за ранливи групи е вклучена како ментор од областа на потрошувачкото право, и работи со студентите на проблематиката за правата на ранливите категории потрошувачи.
Доц. д-р Дивна Илиќ Димоски
Доц. д-р Дивна Илиќ Димоски е доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на областа казнено процесно право.
Родена е на 8 февруари 1981 година во Скопје. Завршила основно и средно образование во Скопје, каде што и дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први” во 2004 година (насока казнено право). Последипломските студии ги завршила исто така на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, во областа на казненото право, по што во 2009 година како тема за својот магистерски труд го одбранила насловот: „Реформата на истрагата во Република Македонија” со што се стекнала со научен степен магистер на правни науки од областа на казненото право. Звањето доктор на правни науки го стекнува во 2014 по одбраната на докторската дисертација „Исказот на обвинетиот како доказ во казнената постапка” на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.
Во 2003 година започнала како демонстратор на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, на Институтот за казнено право по предметите казнено процесно право, казнено право, меѓународно казнено право, криминалистика и казнено право – применета програма. Во 2007 година е избрана за помлад асистент, во 2009 година за асистент, а во 2014 година за доцент на научната област казнено процесно право на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.
Од септември 2009 година е секретар на Институтот за казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први”. Секретар е и на Советот за трет циклус докторски студии на студиската програма Правни науки. Член е на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија. Од 2004 година таа е постојан судски преведувач од англиски јазик во Основниот суд Скопје 1.
Работела како истражувач и аналитичар на повеќе проекти на ФИООМ, ОПДАТ, ОБСЕ, УНИЦЕФ, ЗКПКМ и др. од областа на правосудството, организираниот криминал, казненото право, човековите права, малолетничката правда. Ангажирана е и како член на работната група во Министерството за правда за изготвување на Законот за кривична постапка на Република Македонија.
Доц. д-р Дивна Илиќ Димоски има остварено неколку кратки студиски престои во странство, учествувала на повеќе семинари, конференции, школи и тренинг – програми во земјата и странство и објавила повеќе трудови од областа на казненото процесно право и казненото право.
Во Правната клиника за ранливи групи е вклучена како ментор од областа на казненото процесно право и работи со студентите на проблематиката за правата на семејствата на затворените и притворените лица.
Доц. д-р Александар Ристовски
Александар Ристовски (контакт: a.ristovski@pf.ukim.edu.mk) е доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први”, Универзитет „Св.Кирил и Методиј” во Скопје. Докторирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, во 2015 година на темата „Редефинирање на бинарниот модел на работните односи и регулирање на нестандардната работа”. Одлично го познава и се служи со англискиот јазик, солидно ги познава италијанскиот и германскиот јазик, а разговорно се служи и со францускиот јазик.
Доц.д-р Александар Ристовски е наставник на катедрата по „трудово и социјално право” на Правниот факултет „Јустинијан Први” и учествува во изведувањето на наставната програма на предметите: трудово право (на прв циклус на студии) и трудово право – применета програма, социјално осигурување, социјална политика, социјална заштита, меѓународно трудово право, европско трудово право, флексибилност и сигурност на пазарот на труд, индустриски односи, анти-дискриминациско право, право на здравје и безбедност при работа и синдикално право (на втор циклус на студии)
Доцент Ристовски, учествувал на бројни домашни и меѓународни конференции, симпозиуми и семинари. Објавил повеќе од 35 научни статии во областа на трудовото и социјалното право во национални и меѓународни часописи, а автор е на Прирачникот за права од работен однос на жените и младите во Република Македонија, 2011. Во својство на надворешен експерт на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Александар Ристовски е автор на повеќе национални студии и анализи во областа на трудовото право. Во моментот, доцент Ристовски е член на Европската мрежа на експерти по трудово право (ELLN) и на Мрежата на експерти по трудово право од Централна и Источна Европа (CEElex) во рамките на Меѓународната организација на трудот. Тој е учесник во два меѓународни проекти: „Проектот за редифинирање на трудовото право во Европа” (прокт во рамките на групата на експерти во ELLN) и „IMPULS – Проектот за реструктурирање на друштвата и правото на ЕУ” (проект поддржан од Австриската агенција за меѓународна соработка во образованието и истражувањата / OAED).
Во Правната клиника за ранливи групи е вклучен како ментор од областа на правото на социјална и здравствена заштита, и работи со студентите на проблематиката за остварување на овие права на ранливите групи.
ПРОФЕСОРИ КОИ УЧЕСТВУВАА ВО ВОСПОСТАВУВАЊЕТО НА КЛИНИЧКАТА ПРОГРАМА БЕА ВКЛУЧЕНИ КАКО МЕНТОРИ ВО АКАДЕМСКАТА 2017/2018
Проф. д-р Борче Давитковски
Проф. д-р Борче Давитковски е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и негов Декан во периодот од 2008 до 2016. Носител на настава е на предметите од областа од административното право и јавната администрација, на сите три циклуси на студии на Правниот факултет.
Д-р Борче Давитковски е роден на 03.02.1955 во Скопје, Република Македонија. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 1977 година. Со звање магистер на правни науки се стекнува во 1984 година по одбраната на магистерската теза „Односот меѓу управата и граѓаните“. Со звање доктор на правни науки се стекнува во 1992 година по одбрана на докторската дисертација „Контрола над управата (собраниска и вонсобраниска)“. Со наставно – научната дејност на Правниот факултет започнува во 1978 година кога се стекнува со звање помлад асистент, по што се стекнува со звањата асистент, доцент, вонреден професор и редовен професор. Бил и раководител на постдипломските студии по правни и правно политички науки на факултетот. Во периодот од 1996 до 2000 ја има вршено функцијата Продекан на Правниот факултет, а како што беше напоменато од 2008 до 2017 функцијата Декан.
Автор на повеќе од 160 научни трудови, објавени во различни научни и стручни ревии во Република Македонија и во странство. Коавтор е на повеќе универзитетски учебници и монографски трудови, а бил и носител на низа експертски проекти во Република Македонија и странство, со фокус на низа прашања од областа на управното право, управната постапка, управното судство, контролата на извршната власт, одговорноста на администрацијата, службеничкиот систем и слично.
Во Правната клиника за ранливи групи е вклучен како ментор од областа на административното право, и работи со студентите на проблематиката за остварување на правата на ранливите групи во управните постапки и постапките пред Народниот правобранител.
Проф. д-р Тодор Каламатиев
Тодор Каламатиев (контакт: tonikalamatiev@yahoo.com) е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први”, Универзитет „Св.Кирил и Методиј” во Скопје. Докторирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, во 1997 година на темата „Засновање на работниот однос”. Активно се служи со францускиот јазик и со јазиците на земјите од поранешните југословенски простори.
Проф.д-р Тодор Каламатиев е раководител на катедрата по „трудово и социјално право” на Правниот факултет „Јустинијан Први” и е носител на наставната програма на предметите: трудово право (на прв циклус на студии); трудово право – применета програма, социјално осигурување, социјална политика, социјална заштита, меѓународно трудово право, европско трудово право, флексибилност и сигурност на пазарот на труд, индустриски односи, анти-дискриминациско право, право на здравје и безбедност при работа и синдикално право (на втор циклус на студии) и трудово право и социјално осигурување, европско трудово и социјално право, социјална политика и пазар на труд (на трет циклус на студии).
Професор Каламатиев, учествувал на бројни домашни и меѓународни конференции, симпозиуми и семинари. Објавил повеќе од 100 научни статии во областа на трудовото и социјалното право во национални и меѓународни часописи, и повеќе монографии. Во моментот, професор Каламатиев е член на Европската мрежа на експерти по трудово право (ELLN) и е учесник во два меѓународни проекти: „Проектот за редифинирање на трудовото право во Европа” (проект во рамките на групата на експерти во ELLN) и „IMPULS – Проектот за реструктурирање на друштвата и правото на ЕУ” (проект поддржан од Австриската агенција за меѓународна соработка во образованието и истражувањата / OAED).
Во Правната клиника за ранливи групи е вклучен како ментор од областа на правото на социјална и здравствена заштита, и работи со студентите на проблематиката за остварување на овие права на ранливите групи.
Проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска
Проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска е родена на 28. 04. 1963 година во Скопје. Студиите на Правниот факултет во Скопје ги завршила во 1985 година, a во учебната 1987/88 година се запишала на постдипломски студии по граѓанско право на Правниот факултет во Скопје. Магистерскиот труд со наслов „Задружната сопственост во Република Македонија“ го одбранила на 09.12.1992 година и се стекнала со академскиот степен магистер на правни науки. Докторскиот труд со наслов „Договорот за лиценца во споредбеното право и во правото на Република Македонија“ го одбранила на 27.05.1999 година.
Во 2009-та година, д-р Дабовиќ – Анастасовска е избрана за редовен професор на Првниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и е наставник по предметите облигационо право, договорно право, право на интелектуална сопственост, граѓанско право-применета програма, отштетно право, потрошувачко право, интернет право, конкурентско право, право на осигурување и обезбедување трансакции и договори на автономната трговска практика. Во периодот 2004 – 2009 година е вонреден професор, а од 1999 до 2004 година е доцент. Од 1988 година кога е вработена на Правниот факултет до 1999 година ги вршела асистентските должности по предметите општ дел на граѓанското право, стварно право, облигационо право, наследно право, семејно право, авторско право и право на индустриска сопственост. Изведувала настава по различни предмети од областа на приватното право и на Економскиот факултет, Факултетот за фармација, Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Во периодот од 2012 до 2016 година член е на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 2004 до 2008 година е Продекан за настава на правните студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, а претходно од 2003 до 2004 година е Продекан за меѓународна соработка и финансии. Учествувала во спроведувањето на три ТЕМПУС проекти, а во периодот од 2005 до 2007 е Лидер на ТЕМПУС проектот “Кон ЕУ стандарди за авторско право и сродни права”, JEP – 19076 – 2004.
Била член на Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија . Во периодот 2005 – 2009 е советник во Советот на Град Скопје. Претседател е на Правната група на Организацијата на потрошувачите на Македонија.
Учесник е на повеќе меѓународни семинари и конференции од областа на облигационото право, правото на интелектуалната сопственост и правото за заштита на потрошувачите.
Проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовка е член на Комисијата за изработка на Граѓанскиот законик на Република Македонија и ко-претседател на Работната група за Книга III – Облигациони односи. Како дел од работна група учествувала во подготовка на повеќе законски проекти, меѓу другите – Законот за облигациони односи, Законот за индустриската сопственост, Законот за заштита на потрошувачите и нивни измени и дополнувања, Законот за заштита на топографијата на интегралните кола, Законот за денационализација, Законот за земјоделско земјиште, Законот за сопственост и други стварни права и бројни други закони и подзаконски акти од областа на приватното право.
Активно ги владее англискиот и српскиот јазик. Автор е на повеќе од 130 научни и стручни трудови.
Во Правната клиника за ранливи групи е вклучена како ментор од областа на потрошувачкото право, и работи со студентите на проблематиката за правата на ранливите категории потрошувачи.