Што е правна клиника?

Правна клиника претставува интерактивен метод на едукација каде студентите учат преку работа на реални случаи. Појавата на правни клиники на правните факултети низ светот започнала уште во шеесеттите години на минатиот век како резултат на потребата студентите по право да се доведат поблиску до проблемите со кои ќе се соочуваат како идни правници. Ваквите програми се покажале мошне успешни кон остварувањето на образовната цел, но исто така и кон остварување на социјална цел поради тоа што најчесто се насочени кон пружање помош на лица од ранливи категории кои имаат правен проблем, но не можат да си дозволат стручна помош. Правната клиника за ранливи групи при Правниот факултет „Јустинијан Први“ започна со работа во почетокот на 2017. Клиниката е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија, преку програмата за Заедничка рамка за правно зајакнување.

 

Која е нашата мисија?

Целите и мисијата за востановувањето на вакви клинички програми на Факултетот е градење на знаења и вештини на студентите за давање правни информации и совети на ранливи лица, зајакнување на капацитетите на институцијата за обезбедување практична настава на студенти во соработка со граѓански организации и иницијативи, поддршка на заедницата во остварување на правата на нејзините членови и градење синергии преку зајакнување на комуникацијата со граѓанските организации и институции за одбрана на правата на граѓаните.

 

Кои сме ние и што нудиме?

Нашиот тим моментално го сочинуваат 36 студенти од првиот и вториот циклус на правните студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, кои се водени под менторство на професорите д-р Ана Павловска Данева, д-р Неда Здравева, д-р Александра Груевска Дракулевски, д-р Дивна Илиќ Димовски и д-р Александар Ристовски.

Во воспоставување на клиничката програма, покрај сегашните клинички ментори, беа вклучени и професорите д-р Борче Давитковски, д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска и д-р Тодор Каламатиев.

Нудиме бесплатни правни информации и совети за ранливи и маргинализирани групи при проблем во остварувањето на специфични права (повеќе за услугите види тука).

 

Наши соработници:

Фондација Отворено Општество – Македонија

Младински образовен форум

Хелсиншки комитет за човекови права

Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници

Рома СОС

Министерство за труд и социјална политика

Министерство за внатрешни работи

ЈУ Меѓуопштински Центар за социјална работа – Скопје

Фонд за пензиското и инвалидското осигурување на РМ