Правна клиника претставува интерактивен метод на едукација каде студентите учат преку работа на реални случаи. Појавата на правни клиники на правните факултети низ светот започнала уште во шеесеттите години на минатиот век како резултат на потребата студентите по право да се доведат поблиску до проблемите со кои ќе се соочуваат како идни правници. Ваквите програми се покажале мошне успешни кон остварувањето на образовната цел, но исто така и кон остварување на социјална цел поради тоа што најчесто се насочени кон пружање помош на лица од ранливи категории кои имаат правен проблем, но не можат да си дозволат стручна помош. Правната клиника за ранливи групи при Правниот факултет „Јустинијан Први“ започна со работа во почетокот на 2017. Клиниката е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија, преку програмата за Заедничка рамка за правно зајакнување.