„Проектот „Правна клиника за ранливи групи“ примарно за цел има градење на знаењата и вештините на студентите за давање правна помош на ранливи лица (социјално загрозени лица, ЛГБТ, сексуални работници и Роми) во оставрување на права од социјална заштита, здравствена заштита, права на ранливи категории потрошувачи, права на членови на семејстава на притворени и затворени лица, правна заштита пред Народен правобранител. Преку проектот исто така се очекува да се зајакнат капацитетите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје за обезбедување практична настава на студенти во соработка со граѓански организации и инцијативи. Истовремено, преку проектот се дава поддршка на заедницата во остварување на правата на нејзините членови и се градат синергии преку зајакнување на комуникацијата со граѓанските организации и институции за одбрана на правата на граѓаните.Проектот, со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија започна да се реализира на почетокот на годината. Првите неколку месеци беа посветени на воспоставување процедури за работа, опремување, воспоставување контакти со надлежни институции и со граѓански организации. Понатаму следеше избор на студенти и нивна почетна едукација. Студентите започнаа да работат и она што го добиваме како информација од нив укажува дека постои голем интерес и дека веќе ја остваруваме целта.“ – Проф. д-р Неда Здравева