Kонференцијата- Нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ- младите во Северна Македонија, која ја организираше Коалиција МАРГИНИ, се одржа денес,на 31-ви октомври, хотел АРКА, а со цел да ги претстават публикуваните резултати на последната HBSCM студија –„Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст во С. Македонија (11,13 и 15 год.)“, 2018.
Главен истражувач во рамки на националната студија е Лина Ќостарова Унковска, која, во рамки на конференцијата, ги претстави главните наоди, предизвици и препораки од истражувањето.
Студијата (HBSCM) од 2018 година, со учество на учениците од 13 и 15 години, во најширок опсег досега, се занимава и со прашањата на сексуалноста и родовото самоопределување, истовремено истражувајќи ги нееднаквостите во здравјето и правата на ЛГБТ-младите, како и на хетеросексуалните млади, што овозможува и натамошно следење на состојбите. Истражувачкиот тим на студијата HBSC од Северна Македонија, примени поинакви, еднакво релевантни пристапи и методи на идентификување на ЛГБТ децата и младите, кои досега останувале скриени и недостапни за научно-истражувачката постапка. Новите можности се содржани и во поврзување на прашањата за сексуалното здравје и однесувања, како и за родовите прашања, со добросостојбата и правата на децата и младите, воопшто.