„Правна клиника“ – проект со кој студенти учат занает, а ранливи категории на граѓани добиваат бесплатни правни совети

Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје уште пред повеќе од една деценија нудеше можност на студенти, заедно со своите професори, да се вклучат во решавање на правни случаи. Овој концепт неодамна повторно започна да функционира со тоа што се нуди бесплатна правна помош на ранливи категории. Ова според раководителката на проектот „Правна клиника“, проф. д-р Неда Здравева, има двојна придобивка, бидејќи студентите директно „го печат занаетот“, а во исто време им помагаат на граѓани кои им се прекршени основните права. Во интервју за Радио МОФ, Здравева ги појасни идејата и целите на „Правна клиника“.

Пред месец и половина на Правниот факултет „Јустинијан Први“ започна да функционира ткн. Правна клиника. Ако може да ни објаснете што всушност претставува овој проект?

Проф. д-р Неда Здравева

Проектот „Правна клиника за ранливи групи“ примарно за цел има градење на знаењата и вештините на студентите за давање правна помош на ранливи лица (социјално загрозени лица, ЛГБТ, сексуални  работници и Роми) во оставрување на права од социјална заштита, здравствена заштита, права на ранливи категории потрошувачи, права на членови на семејстава на притворени и затворени лица, правна заштита пред Народен правобранител . Преку проектот исто така се очекува да се зајакнат капацитетите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје за обезбедување практична настава на студенти во соработка со граѓански организации и инцијативи. Истовремено, преку проектот се дава поддршка на заедницата во остварување на правата на нејзините членови и се градат синергии преку зајакнување на комуникацијата со граѓанските организации и институции за одбрана на правата на граѓаните.

Проектот, со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија започна да се реализира на почетокот на годината. Првите неколку месеци беа посветени на воспоставување процедури за работа, опремување, воспоставување контакти со надлежни институции и со граѓански организации. Понатаму следеше избор на студенти и нивна почетна едукација. Студентите започнаа да работат и она што го добиваме како информација од нив укажува дека постои голем интерес и дека веќе ја остваруваме целта.

Зошто сметавте дека постои потреба од ваква Клиника?

Клиничката едукација овозможува студентите да се соочат со вистински животни ситуации и проблеми со кои се соочуваат граѓаните во остварувањето на нивните права. Тие, под менторство на професорите од областите на делување, ги испитуваат случаите и даваат предлози како дадени ситуации да се решат. На овој начин, уште во текот на нивното студирање се развиваат нивните вештини, но истовремено и нивната одговорност кон заедницата.

Каков е принципот на работа?

Во оваа фаза на проектот работата се одвива на две нивоа. Студентите изготвуваат водичи како граѓаните да ги остваруваат своите права. Овие водичи се изготвени на едноставен начин и на разбирлив јазик за на сите граѓани да им се лесно достапни. Преку ова студентите учат како на граѓаните да им го направат разбирливо правото, кој права им се загарантирани и како може да ги остварат. Од друга страна, организациите со кои соработуваме, а кои веќе водат постапки за заштита на правата или пак кои добиваат прашања од граѓаните ни доставуваат информации за овие постапки или прашања. Студентите ги анализираат случаите заедно со своите ментори и подготвуваат одговори или информации.  На овој начин, уште како студенти се соочуваат со она што ќе ги “чека“ како практичари.

Кој сè е вклучен во Правната клиника?

Правната клиника е интердисциплинарнаВклучени се и студенти и наставници од различни области.  Најголемиот дел од студентите се од студиите во втор циклус и има неколкумина студенти од повисоките семестри на прв циклус.  Ова од причина што работењето во клиниката изискува определено ниво на знаења. Со оглед на областите на работа како ментори вклучени се наставници по административно право ( проф. д-р Борче Давитковски и проф. д-р Ана Павловска Данева), трудово право ( проф. д-р Тодор Каламатиев и доц. д-р Александар Ристовски), потрошувачко право ( проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастаосвка и проф. д-р Неда Здравева) и од кривично процесно право ( доц. д-р Дивна Илиќ Димовски).

Како граѓаните може да се обратат за помош?

Правната клиника е замислено и директно да дава информации за правата и нивното остварување на граѓаните кои се сметаат за ранливи групи и тоа социјално загрозени лица, членови на ЛГБТ заедницата, сексуални  работници и Роми. Тие може да се обратат во правната клиника (лоцирана е на Правниот факултет и има влез преку Факултетот и од надвор) секој работен ден од 12 до 14 часот. Со оглед на распустот на студентите работата ќе продолжи во втората половина на август.

Каков вид на помош нудите? Дали тоа е повеќе советодавна помош можеби?

Во правната клиника може да се добие информација за тоа кои се правата и на кој начин може да се остварат. Студентите може да им помогнат на лицата кои до нас ќе се обратат кои права ги имаат во конкретни ситуации и како да ги оставаат правата пред управните органи, да им помогнат во составување барања и да им дадат други потребни информации.   Истовремено, онаму каде што ќе се оцени дека е потреба судска постапка за остварување и заштита на правата може да ги насочат каде и како таа заштита може да се оствари и дали имаат право на бесплатна правна помош.

Дали досега некој се обратил до вас за помош?

Директно се уште немаме обраќања до клиниката. Досега барањата беа преку организациите со кои што соработуваме. Се надеваме дека директната комуникација со граѓаните кои влегуваат во групите на кои можеме да им обезбедиме помош и кои се однесуваат на работи во областите на наше делување ќе се унапреди.

Бидејќи сепак ова претежно се основа на волунтаризам – како планирате да ги мотивирате студентите за да се приклучуваат кон проектот?

За среќа проблеми со мотивацијата немаме. Студентите знаат што значи професијата која што ја избрале. Знаат дека правниците може и треба да обезбедуваат помош на граѓаните во остварувањето и заштитата на нивните права. Тие сакаат да помогнат на оние граѓани кои се во незавидна положба заради нивниот социјален статус. Практикувањето на правото и овозможувањето правда за сите и личното вложување во тоа е нивната цел и особено се заинтересирани да учествуваат во вакви проекти. Ова секако ќе им даде предност на пазарот на трудот, но верувајте ова не им е примарна цел. Одлично е да се види како младите правници се заинтересирани, ослободени од предрасуди и желни да помогнат. Без лажна скромност, навистина со вакви студенти можеме да се гордееме.

Кои се идните цели кои сакате да ги постигнете?

Се надеваме дека граѓаните ќе ја препознаат клиниката како место каде може да добијат релевантни информации за нивните права и како може да ги оставаат и дека ќе се зголеми бројот на граѓани кои што директно ќе нé контактираат. Исто така се надеваме дека ќе ги прошириме и областите на делување.

Слични Правни клиники постојат и во други држави, а функционираат на речиси ист принцип. Дали можеби од некоја од нив добивте поттик за ваков потег?

Мислам дека е обратно всушност. Правниот факултет е првиот кој имаше центар за клиничка едукација уште пред повеќе од една деценија. Таа клиника работеше со адвокати и студентите учествуваа и во судски постапки. Понатаму клиничката едукација како применета програма беше интегрирана на сите насоки на мастер програмите. Факултетите во регионот имаат различни форми на клиничка едукација и се надеваме дека ќе се интензивира соработката и на регионално ниво. За ова веќе правиме обиди преку Мрежата на правни факултети на Југоисточна Европа чија членка е Факултетот.